Огромна мистериозна структура забележана на Венера

0

Научниците од Универзитетот Рикио (Rikkyo University) во Токио открија огромна структура во атмосферата на Венера користејќи го вселенското летало Акацуки (Akatsuki).

Акацуки е метеоролошки сателит кој ја истражува атмосферската динамика и физика на облаците на Венера. На 7 декември 2015 година Акацуки навлегува во орбитата на Венера и од податоците добиени во инфрацрвен спектар, може да се забележи структура која  се протега на 10.000 км.

Се претпоставува дека станува збор за фиксиран бран, но во моментов точните карактеристики на бранот не се јасни. Најверојатно се работи за структура налик воздушен бран кој провејува крај планина од висока до ниска температура. Односно, станува збор за бран предизвикан од гравитација (не гравитационен бран), кој е карактеристичен за планетарна атмосфера и водна површина, а се случува кога два слоја со различни густини се обидуваат да се урамнотежат.

Ова е прв доказ за продирање на бран предизвикан од гравитација кој се појавува од пониската кон средната атмосфера на Венера. Планетата Венера е прекриена со густи облаци сулфурна киселина кои се движат кон запад, затоа што горниот дел од атмосферата ротира многу побргу од самата планета. Западниот ветар на Венера се движи со брзина од 360 километри на час и е 60 пати побрз од ротацијата на самата планета. Она што сега е забележно е нетипична појава на атмосферски карактеристики, каде одреден бран од планетарен размер во форма на лак се движи за нијанса побргу или поспоро од позадинскиот ветар. Се претпоставува дека се работи за атмосферски бран предизвикан од гравитација настанат во долниот дел на атмосферата покрај планинска површина, кој потоа продира нагоре.

Огромна мистериозна структура забележана на Венера

На овие фотографии од Акацуки направени во текот на 4 дена се забележува бранот кој останува на приближно исто место. Заслуги: PLANET-C

Иако претходно веќе се откриени 15 слични региони, овој е специфичен по тоа што 4 дена останува фиксиран над висорамнина на споро-ротирачка површина, и покрај позадинската атмосферска супер-ротација.

Венера има екстремно густа атмосфера и затоа е тешко директно да се види нејзината површина и долниот дел од атмосферата. Преку набљудување на податоците кои ги доставува Акацуки се открива дека долниот дел од атмосферата влијае на горниот, па преку проучување на едниот може повеќе да дознаеме за другиот – оној кој директно не може да го видиме.

Акацуки ќе ни донесе уште информации во идина. Леталото има една инфрацрвена камера која се користи за проучување на атмосферата во детали, втора – која фактички може да ја види површината во инфрацрвен спектар и бара активни вулкани, и трета – која почна да бара молњи. Резултатите се очекуваат во наредните години.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: IFL Science

Сподели.