Нови опсервации потврдуваат органски молекули во атмосферите на комети

0
Органски молекули во атмосферите на комети

Приближни локации на Леммон (лево) и ИСОН (десно) во нашиот соларен систем во нашиот соларен систем во времето на оваа опсервација. Заслуги: Б. Сакстон (НРАО/АУИ/НСФ); НАСА/ЕСА Хабл; М. Кординер, НАСА и др.

Благодарение на Големата Атакама Милиметарска/Субмилиметарска Низа (АЛМА), научниците се снабдени со впечатливо детални слики на дистрибуцијата на молекули на комети лоцирани во облачните атмосфери на две светли комети кои летаат преку небото. По генерирање импресивни 3Д слики со опсервациите, научниците успеале да откријат важни траги, како и каде кометите формираат нови молекули. Надежта е да се добијат увиди за раѓањето на нашата планета. Тимот го објавил делото во Астрофизичкиот Журнал.

Кометите, или така наречени валкани снежни топки, се мразулести објекти составени од смрзнати гасови, камења и прашина. Сите комети имаат мал замрзнат регион, наречен јадро, кој некогаш е само неколку километри во дијаметар. Како што кометите се приближуваат кон Сонцето, почнуваат да се загреваат и формираат духовидна атмосфера наречена кома. Познато е дека овие космички снежни топки се остатоци од раѓањето на нашиот Сончев систем пред околу 4,6 милијарди години. Затоа, разбирањето на нивната хемија може да ни даде докази за неговото создавање.

За да откријат повеќе за дистрибуцијата и формацијата на разни хемикалии во комите, меѓународен тим на истражувачи се фокусирале на две комети: ИСОН (ISON) и Лемон (Lemmon). ИСОН беше набљудувана три дена, кога беше на растојание од 75 милиони километри од Сонцето, а Лемон беше на 224 милиони километри кога опсервациите биле направени, во текот на два дена. Импресивната резолуција на АЛМА им дозволи на истражувачите да го следат составот на комите секој час.

За да генерираат 3Д слики од опсервациите, научниците комбинирале високорезолуциски дводимензионални слики со високорезолуциски спектар од три молекули – водород цијанид (HCN), водород исоцијанид (HNC) и формалдехид (H2CO). Истражувачите тогаш биле во можност да ги мапираат прецизно локациите на овие молекули и да ги измерат нивните брзини, давајќи им информации за длабочината на атмосферата. Еве ја 3Д мапата на HCN во внатрешната кома на Лемон, за оние кои се заинтересирани:

Заслуги: Брајан Кент (НРАО/АУИ/НСФ)

Тимот откри дека HCN-от има потекло од јадрото и покажува униформен сферичен истек, додека HNC бил дистрибуиран на грутчест, асиметричен начин. Притоа, нивните резултати укажаа дека H2CO и HNC биле произведувани во комата, од неидентификувано потекло.

Овие резултати се важни бидејќи телескопите основани на Земјата не можат да добијат доста детали од молекулите во внатрешноста на комите кога се во мала количина, како во случајот на Лемон и ИСОН. Понатаму, поранешни студии само погледнале кон посветли комети како Хале-Боп, додека сега постои можност за набљудување на подалечни и потемни комети. Според ко-авторот на студијата, Стефани Милам, наоѓањата покажуваат и дека истражувачите исто така можат да пронаоѓаат покомплексни молекули, чија детекција досега била избегнувана.

Превод: Јован Милосковски

Извор: IFLS

Сподели.