Научници плаќаат 17.000 долари за луѓе да лежат во кревет 60 дена

0
Научници плаќаат луѓе 17.000 долари за да лежат во кревет 60 дена

Астронаутот Алан Л. Бин, командантот на Скајлаб 3, во неговиот оддел за спиење, 1973. Заслуги: НАСА

Дали уживате да лежите во кревет по цел ден? Па, би можеле и добро да спечалите. И не, ова не е некоја сомничава Интернет реклама, туку сè е во името на науката.

Институтот за Вселенска Медицина и Физиологија (Medes) во Тулуз, Франција, е во потрага по 24 поединци кои би останале во кревет на Земјата за 60 дена без прекин, известува францускиот весник 20 Минути.

Кога ќе ја завршите задачата, ќе ви бидат врачени 16.000 евра (17.066 долари) за напорната работа. Овој институт бара физички активни, здрави мажи непушачи на возраст од 20 до 45 години, кои имаат индекс на телесна маса (BMI) меѓу 22 и 27.

Во текот на овие 60 дена, учесниците мора цело време да имаат барем едно рамо во допир со креветот. Исто така, половина од оваа група ќе прима специфична мешавина од лекови секој ден, која би требало да се спротивстави на бестежинскиот ефект врз телото, и која вклучува лекови против воспаление и антиоксиданси како додатоци во храната.

Научниците сакаат да знаат каков ефект продолжените периоди на бестежинска состојба би имале на луѓето, надевајќи се дека само лежењето долго време ќе имитира некои од ефектите на телото. Дополнително, тие моат да тестираат колку е изводливо да се јаде, мие, вежба и оди во тоалет додека се лежи на кревет.

„Идејата на ова истражување е да се произведе бестежинската состојба како на Меѓународната вселенска станица (ISS)“, кажа д-р Арнауд Бек, управителниот физиолог на истражувањето, за 20 Минути. „При првите две недели нашите научници ќе направат цела серија тестови и мерења на волонтерите. По ова ќе следи 60-дневен период при кој тие ќе мораат да останат во кревет, со главата малку накривена надолу за помалку од шест степени.“

Откако ова е готово, поединците ќе имаат две недели за опоравување, а за тоа време ќе бидат проучувани за да се види каков ефект ова „хоризонтално живеење“ имало на нивните тела.

Ако мислите дека ова звучи како лесни пари, не избрзувајте.

Експеримент од ваков вид бил спроведен и порано. Во 2014, НАСА им плати на група човечки заморчиња (guinea-pigs) 18.000 долари за да лежат 70 дена додека истражувачите ги анализираа. Ендрју Иваницки беше дел од експериментот и пишуваше за неговото искуство во статија за VICE во која тој ги документираше главоболките, ноќните садови, досадата, големите болки во грбот, и како во еден миг „посакувал вечно проклетство врз цела НАСА.“

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: IFL Science

Сподели.