Меѓуѕвездени цивилизации може да живеат во збиени ѕвездени јата

0
Меѓуѕвездени цивилизации може да живеат во збиени ѕвездени јата

Слика 1: Збиено ѕвездено јато M53 снимено од Хабл. Заслуга: NASA/ESA/HST

Научниците се потешко наоѓаат одговор на Фермиевиот парадокс: Ако планетите како појава се толку вообичаени, каде се нивните жители? Каде се напредните цивилизации? Истражувачите од Харвард и Тата институтот за фундаментални истражувања од Мумбаи, предлагаат дека треба да трагаме по интелигентен живот надвор од нашата галаксија.

Според новите истражувања презентирани од Розен ди Стефано и Алак Реј на состанокот на Американското астрономско друштво во Кисими, Флорида на 6 јануари 2016 година, меѓуѕвездена цивилизација може да се развие во збиените ѕвездени јата кои се наоѓаат околу Млечниот пат.

Збиените (затворени, глобуларни) ѕвездени јата (Globular clusters – GCs) се сферични збирови на илјадници ѕвезди кои кружат околу галаксиите во големи орбити. Астрономите веруваат дека има повеќе од 150 ѕвездени јата околу Млечниот пат, а околу Андромеда може да има повеќе од 500.

Ѕвездите во јатата вообичаено се сиромашни со метал, што значи дека има недостиг на елементи како јаглерод, кислород и железо, кои го прават најголемиот дел од содржината на карпестите планети и живите битија. Досега, откриена е само една егзопланета во ѕвездено јато. Некои научници веруваат дека ѕвездените јата ги немаат потребните услови за формирање на планети.

Ди Стефано и Реј се поголеми оптимисти. „Прерано е да се каже дека нема планети во ѕвездените јата“, изјави Реј.

Во последните години, се покажа дека карпестите планети е поверојатно да се формираат околу ѕвезди сиромашни со метали отколку околу оние кои се побогати со метали. Неоткривањето на планети може да се должи на фактот што ѕвездените јата се неколку илјадници светлински години оддалечени од Млечниот пат, што многу ги отежнува директните набљудувања.

Ако планетите би можеле да еволуираат, тие може да се способни да долго преживеат, што ја прави веројатноста за живот, а потоа и за наоѓање на интелигентни видови, многу поголема. Ако такви видови постојат, тие би можело да се способни да движат низ јатото.

Ѕвездите во јатата се исто така се многу поблиску меѓу себе отколку ѕвездите околу Сонцето. Проксима Кентаури (Proxima Centauri), најблиската ѕвезда до Сончевиот систем, се наоѓа на растојание од 4.7 светлински години, додека вообичаената далечина помеѓу ѕвездите во ѕвездените јата е 20 пати помала од споменатата далечина. Затоа истражувањето и комуникацијата внатре во кластерот би биле полесни за управување.

„Ние тоа го нарекуваме – можност на ѕвездено јато“, вели Ди Стефано. „Праќањето на пораки помеѓу ѕвездите нема да биде подолго од она кога се праќало писмо од САД во Европа во 18-от век.“

Таа додава: „Меѓуѕвездените патувања ќе траат исто така пократко. Сондите на Војаџер се наоѓаат на 100 милијарди милји од Земјата или една десетина од патот потребен да се стигне до најблиската ѕвезда, доколку би живееле во ѕвездено јато. Тоа значи дека меѓуѕвездена сонда е нешто што цивилизација на наше ниво на технологија може да го направи во вакво ѕвездено јато.”

Иако идејата е примамлива, истата на ова ниво се базира само на претпоставки. Првата цел би била да се бараат планети во јатата, иако откривањето на истите нема да значи дека постоењето на облици на живот е веројатно. Повеќето ѕвезди во јата се црвени џуџиња и тие можеби се помалку соодветни за живот отколку што претходно се мислело.

Превод: Станоески Сашо

Извор: IFL Science

Сподели.