Колку е долг денот на Марс?

0
Уметнички приказ на Марс со астероиди во близина. Заслуга: НАСА

Уметнички приказ на Марс со астероиди во близина. Заслуга: НАСА

Марс претставува загатка за научниците. Во многу работи, тој значително се разликува од Земјата. Тој е студен, сув, со малку атмосфера или врнежи колку да се каже и таму ништо не расте. Според наши стандарди, Марс е неверојатно негостољубиво место. Сепак, од друга страна, тој е доста сличен на нашата планета.

На пример, внатрешната структура на Марс е составена од метално јадро, силикатна прекривка и кора. Има многу вода, иако поголемиот дел е концентриран во поларните региони како мраз од вода (и постојан слој на пермафрост под поголемиот дел од површината). Но најизненадувачко од се, е тоа што денот е скоро ист како овде на Земјата.

Всушност, денот на Марс е околу 40 минути подолг од денот на Земјата. Спореден со другите тела во нашиот Сончев Систем каде денот е или неверојатно краток (Јупитер ротира околу својата оска за 9 часа, 55 минути и 29.69 секунди) или неверојатно долг (денот на Венера трае 116 денови и 18 часови), оваа сличност е доста изненадувачка.

Сепак, има некои работи кои треба да се утврдат пред да се определи колку е долг денот на друга планета. Всушност, има два начини да се определи должината на денот на едно небесно тело – сидерален ден и соларен ден.

Сидерален наспроти соларен ден

По дефиниција, сидерален ден на Марс е времето потребно за планетата да ротира еднаш околу својата оска така што ѕвездите да се појават на истото место на ноќното небо. На Земјата, овој ден трае точно 23 часа, 56 минути и 4.1 секунди. За споредба, на Марс, сидералниот ден трае 24 часа, 37 минути и 22 секунди.

Од друга страна, соларниот ден е времето потребно за Земјата да ротира околу својата оска така што Сонцето да се појави на истата позиција на небото. Оваа позиција бавно се менува секој ден, но на Земјата, просечен соларен ден трае 24 часа. Соларниот ден на Марс трае 24 часа, 39 минути и 35 секунди. Заокружено, можеме да кажеме дека денот на Земјата трае точно 24 часа, додека на Марс трае 24 часа и 40 минути.

Сакате да дознаете и за некои други интересни сличности помеѓу Марс и Земјата? Во продолжение!

Промени на годишните времиња

Марс исто така има циклус на годишни времиња (сезони) кој е сличен на тој на Земјата. Ова се должи на тоа што Марс исто така има навалена оска, која е наклонета за 25.19° кон својата орбитална рамнина. (Споредено со наклонетоста на Земјината оска од приближно 23.44°.) Тоа се должи и на ексцентричноста на орбитата на Марс која се движи од 206.7 милини до 249.2 милиони километри од Сонцето.

Оваа промена во далечината предизвикува значајни промени во температурата. Додека просечната температура на планетата е -46 °C (51 °F), истата се движи од ниски -143 °C (-225.4 °F) за време на зимата на половите до високи 35 °C (95 °F) за време на летото и кога е пладне на екваторот. Последново (високите температури) дозволува течната вода се уште да тече, иако повремено, на површината на Марс.

Исто така паѓа снег на Марс. Во 2008, Феникс лендерот на НАСА (Phoenix Lander) пронајде мраз од вода во поларните региони на планетата. Ова беше очекувано откритие, но научниците не беа подготвени да набљудуваат снег кој паѓа од облаците. Снегот комбиниран со хемиски експерименти на почвата, ги наведе научниците да веруваат дека местото на слетување на лендерот, во минатото имало повлажна и потопла клима.

Ексцентричноста на орбитата на Марс е причината за значајните промени во температурата. Заслуга: НАСА

Потоа во 2012 година, податоците добиени од Марс Реконесанс Орбитер (Mars Reconnaissance Orbiter) открија снежни врнежи од јаглерод диоксид на јужниот поларен регион на Марс. Со децении научниците знаат дека мразот од јаглерод диоксид е постојан дел на сезонскиот циклус на Марс и постои во јужната поларна капа. Но ова е за првпат таков феномен да е забележан и останува како единствен досега познат пример на снег од јаглерод диоксид кој врнел било каде во нашиот Сончев систем.

Како дополнение, неодамнешните истражувања спроведени на Марс покажаа некои почетни сознанија за неговото далечно минато.

На почетокот, примероците од почвата и орбиталните набљудувања покажаа дека пред 3.7 милијарди години, планетата имала повеќе вода на површината отколку што сега има во Атлантскиот океан. Слично, проучувањата на атмосферата извршени на површината и од вселената докажаа дека Марс имал одржлива атмосфера која потоа полека била уништена од соларните ветрови.

Теркови на временски услови

Како Земјата, Марс може да има навистина екстремни облици на временски услови. Во случајот на црвената планета, тие се во форма на песочни бури кои можат повремено да доминираат на површината. Овие бури може да нараснат до пречник од илјадници километри, понекогаш опфаќајќи ја целата планета и покривајќи ја со густа магла од прашина. Кога овие бури ќе станат толку големи, тие спречуваат директно набљудување на површината на Марс.

Конкретен случај: кога орбитерот Маринер 9 (Mariner 9 orbiter) стана првото вселенско летало што орбитирало околу Марс во 1971 година, истото испратило слики на свет проголтан од магла. Целата планета била покриена со песочна бура толку голема што само Олимпус Монс, џиновскиот марсовски вулкан висок 24 километри, можел да се види над облаците. Оваа бура траела еден месец и ги одложила обидите на Маринер 9 детално да ја фотографира планетата.

Потоа, на 9 јуни 2001 година, вселенскиот телескоп Хабл забележал песочна бура во Хелас базенот (Hellas Basin) на Марс. До јули, бурата скоро ја снемало, за да потоа повторно се засили и стане најголемата бура во последните 25 години. Таа била толку голема што астрономите -аматери користејќи мали телескопи можеле да ја видат од Земјата. Облаците ја зголемија температурата на нељубезната атмосфера на Марс до неверојатни 30° Целзиусови степени.

Тука лежи другата сличност на Марс со Земјата – глобалното затоплување! Слично на трендовите на затоплување овде на Земјата, затоплувањето на Марс е предизвикано од присуството на посебна материја во воздухот која ја апсорбира енергијата од Сонцето. Потоа таа ја зрачи кон атмосферата, предизвикувајќи просечните температури да растат.

Овие бури имаат тенденција да се настануваат кога Марс е најблиску до Сонцето и се резултат на зголемувањата на температурите и пистите редизвикуваат промени во воздухот и почвата. Како што почвата се суши, истата е полесно да се крене од воздушните струи, кои пак се предизвикани од промените во притисокот како резултат на зголемената топлина. Песочните бури предизвикуваат температурите да пораснат уште повеќе, така што може да се каже дека Марс има сопствен “ефект на стаклена градина”.

Од претходните факти може да се заклучи дека Марс е груба и непријатна планета. Знаејќи го само одговорот на прашањето “Колку е долг денот на Марс?”, ние имаме мал поглед кон се тоа што се случува таму. На крајот, има многу работи на Марс кои го прават сличен на Земјата, поради што многумина замислуваат да живеат таму некој ден. Секако познавањето и на тоа што го прави Марс различен и како може да се справиме со истото, ваквата замисла ја прави остварлива.

Превод: Станоески Сашо

Извор: Universe Today

Сподели.