Како настанал календарот? [прв дел]

0

Дали знаете кога бил создаден првиот календар? Кој народ го употребувал најсложениот календар? Што лежи во основата на најпознатите светски календари? Одговор на овие и многу други прашања поврзани за календарите ќе можете да најдете во статиите, кои почнувајќи од денеска, па во наредниве неколку недели, секој петок ќе ги објавуваме на нашата веб страна.

Во светот се познати повеќе од 40 календари. Ние ќе ви ги претставиме најпознатите: Јулијанскиот, Грегоријанскиот, Исламскиот, Еврејскиот, Кинескиот, Старословенскиот, календарот на Маите и др.

Но, да почнеме од почеток…

Како настанал календарот?

Појавата на еден од првите календари е поврзана со една загатка, која останала нерешена околу 6.000 години. Тоа е загатката за поплавите на реката Нил.

Нил е најголема река во Африка, долга околу 6.500 километри и е втора најголема река по должина во светот, веднаш по реката Мисисипи. Правецот на нејзиното течење е север-југ и таа претежно тече низ пустинските предели на Судан и Египет. Секоја година во Египет во месец јули почнува да се зголемува водостојот на Нил и тоа продолжува сè до октомври, кога нивото на водата може да се искачи и до 7 метри. Мистеријата е уште поголема ако се знае дека тоа се најтоплите месеци во Египет, кога воопшто не врнат дождови. Со повлекувањето на водата, Нил остава плоден појас на земјиште од неколку стотини метри, кое подоцна населението може да го обработува.

Во далечното минато, египетските свештеници забележале дека помеѓу две покачувања на водостојот на реката поминуваат дванаесет полни Месечини. Така се родил првиот календар, кој се разбира, не бил ниту приближно точен како денешниот календар. Таа неточност на календарот ја забележале и египетските свештеници. Но, исто така, тие забележале и дека за време на поплавата една светла ѕвезда (Сириус) се појавува на небото пред самиот изгрев на Сонцето. Таа појава ја регистрирале неколку години по ред и пресметале дека помеѓу две појавувања на ѕвездата поминуваат 365 дена. Па така, свештениците ја поделиле годината на 12 месеци по 30 дена и 5 дополнителни денови, кои останале на крајот на годината.

Ова се случило пред околу 6.000 години и го претставува првиот составен календар. Нешто подоцна, слични календари се појавуваат и кај Вавилонците и Евреите. И нивните календари биле составени од години кои имале по 12 месеци. Денешниот календар се базира на Староегипетскиот календар, кој дури и Цезар го прифатил како официјален календар во својата држава.

Но, пред да продолжиме понатаму, што е со загатката?

Nile_N517266177_30554_627Реката Нил настанува од две поголеми реки – Белиот и Синиот Нил. Белиот Нил истекува од Викторијанското Езеро во Уганда, кое се наоѓа речиси на самиот екватор. Оваа река преку целата година има скоро ист водостој и таа не може да биде причина за поплавите кои започнуваат во јули.

Синиот Нил извира во Етиопија, во подножјето на највисокиот врв во Африка, Килиманџаро. Во летниот период на планините на Етиопија врнат обилни дождови, а и снегот почнува да се топи. Водата се насобира во Синиот Нил, а од таму и во реката Нил, што всушност е и решението на загатката за поплавите.

Оваа загатка траела толку долго од причина што, најверојатно, никој не се решил да ја помине пустината Сахара и да дојде до изворите на двете реки кои го создаваат Нил, за да даде објаснување за мистеријата околу неговите поплави. Доколку некој успеал да ја помине пустината, сигурно немал желба повторно да се врати и да се соочи со неа. Прв кој ја поминал пустината од Египет до местото Борн, а тоа да биде забележано во историјата, е научникот Хорнеман во периодот од 1798 до 1802 година.

Да се вратиме на календарите.

Јулијански календар

Гај Јулије Цезар (100 – 44 год. п.н.е)

Гај Јулије Цезар (100 – 44 год. п.н.е)

Името на овој календар потекнува од големиот Римски владетел Гај Јулиј Цезар (100-44 г. п.н.е. ). Цезар бил голем војсководец, оратор, вешт политичар и астроном, кој сакал работите во својата држава да ги доведе во совршен ред. Покрај останатото, тој сакал да го доведе во ред и календарот што се употребувал во Римската империја, а кој до тогаш бил доста хаотичен. Потребата за создавање на нов календар се наметнала како резултат на тоа што некои години (престапните) се јавувале екстра денови, кои се добивале од онаа 1/4 од денот плус 365-те дена потребни Земјата да го комплетира својот пат околу Сонцето. За таа цел, Цезар го ангажирал познатиот египетски математичар и астроном Сосагена од градот Александрија. Реформата е извршена во 46 година п.н.е. Прво, за годината да фати некој ред, Сосагена одредил таа 46-та година п.н.е. да трае 445 денови. Затоа оваа година е позната и како „annus confusionis“ или „збунувачка година“. Потоа, Сосагена одредил секоја четврта година да трае 366 дена, односно да биде престапна година. Како основа на Јулијанскиот календар е земена Сончевата (или тропската) година. Тоа е временски период за кој Сонцето прави два последователни премини низ точката на пролетна рамноденица.

Тропската година просечно трае 365,24218967 дена или 365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди. Ако сметаме во часови, тоа е 8.765,81256 часа.

Оваа вредност на тропската година незначително се менува, но сепак влијае на календарот во долги временски периоди. Така на пример:

  • За 1900 година, тропската година траела 365,242196 дена;
  • За 2000 година, тропската година траела 365,24218967 дена;
  • За 2100 година, тропската година ќе трае 365,242184 дена;

Во астрономијата се среќава и називот сидеричка (или ѕвездена) година, која се дефинира како времето кое поминува помеѓу две идентични положби на Сонцето во однос на далечните ѕвезди. Поради прецесијата, сидеричката година е подолга од тропската за 20 минути и 26 секунди.

Еклиптиката е голем круг на небесната сфера, по кој Сонцето привидно се движи во текот на годината, при тоа поминувајќи низ 13 соѕвездија наречени зодијачки соѕвездија (тринаесеттиот зодијачки знак е Змијоносец). Во однос на небесниот екватор, еклиптиката секогаш е наклонета за 23 степени и 27 минути и го сече во двете рамнодневни точки (еквиноции), односно точките на пролетна и есенска рамноденица.

Пролетната рамноденица е една од имагинарните точки во која еклиптиката го сече небесниот екватор. Сонцето во оваа точка се наоѓа секоја година околу 21 март. Во тие моменти осветлени се двата пола на Земјата (и Северниот и Јужниот), а на екваторот, точно на пладне, сончевите зраци паѓаат под агол од 90 степени (во Скопје под агол од 90-42=48 степени). Тогаш на северната полутопка почнува пролет, а на јужната есен.

Есенската рамноденица е другата имагинарна точка во која еклиптиката го сече небесниот екватор. Сонцето во оваа точка се наоѓа секоја година околу 23 септември, кога на северната полутопка почнува есен, а на јужната пролет.

Покрај овие, постојат и други две точки – летен и зимски солстициј. Во летен солстициј (или летна повратна точка) Сонцето ја достигнува својата највисока положба над небесниот екватор (гледано од северната хемисфера на Земјата). Тоа е периодот околу 21 јуни, кога на северната полутопка почнува лето, а на јужната зима. Тогаш, на местата кои се наоѓаат на северна географска ширина од 23,45 степени, точно на пладне сончевите зраци паѓаат под агол од 90 степени. На Северниот пол, точно на пладне, Сонцето се наоѓа на висина од 23,45 степени, а Јужниот пол е во темнина (во Скопје: 90-42+23,45=71,45 степени).

Зимската повратна точка, или зимскиот солстициј, паѓа околу 21 декември. Тогаш Сонцето (гледано од северната хемисфера) ја достигнува најниската точка од 23,45 степени (точно на пладне). На северната полутопка почнува зима, Северниот пол е во темница, а на Јужниот пол Сонцето на пладне е на висина од 23,45 степени (во Скопје: 90 -42+23,45=24,45 степени).

Факт е дека древните цивилизации не можеле прецизно да ги одредат овие точки, но сепак тие знаеле дека годината трае нешто повеќе од 365 дена.

Иако Сосагена не ги одредил овие точки, сепак тој бил голем и добар реформатор. На стариот Римски календар тој му додал уште два месеци (во Римскиот календар годината имала 10 месеци) и за почеток на годината го одредил 1 јануари, а не 1 март, како што било дотогаш. Во годината, која била поделена на 12 месеци, седум месеци имале по 31 ден (јануари, март, мај, јули, септември, октомври и ноември), четири месеци имале по 30 дена (април, јуни, август и декември) и еден месец (месецот февруари) имал 28, односно 29 дена кога годината е престапна.

Овој календар сè уште е во религиозна употреба во црквите во Македонија, Србија и Црна Гора, Русија, Ерусалим и во други мали православни епархии. На пример, славењето на Христовото раѓање – Божиќ во горенаведените држави е на 7 јануари, а додека кај поновиот Грегоријански календар Божиќ се слави 13 дена порано, односно на 25 декември.

Иако овој календар преставувал револуција во мерењето на времето, сепак со текот на времето и кај него се покажале одредени грешки.

Каде се грешките?

Со воведувањето на овој календар годината била вештачки продолжена на 365 дена и 6 часа или 365,25 дена. Но, тропската година трае 365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди или 365,2422 дена. Разликата изнесува 11 минути и 13,92 секунди (но при пресметувањето се брои како 11 минути и 14 секунди) или 0,0078 дена.

По неколку стотина години било забележано дека законскиот календар бега (оди напред) во однос на природниот. Разликата што се јавува од 11 минути и 14 секунди за една година, по 100 години изнесува 18 часа, 43 минути и 12 секунди.

По 400 години од усвојувањето на Јулијанскиот календар, законската година бегала за 4.492,8 минути или 3 дена, 2 часа, 52 минути и 48 секунди во однос на тропската година. За наредните 400 години, таа разлика би изнесувала 6 дена, 5 часа, 45 минути и 36 секунди или околу еден ден на секои 128 години.

И покрај тоа што астрономите, математичарите и црквата знаеле за оваа грешка, Јулијанскиот календар сепак опстанал сè до 4 октомври 1582 година, кога била извршена реформа на календарот од страна на Римскиот папа Григориус 13.

Во следната статија ќе прочитате повеќе за Грегоријанскиот календар и за тоа како деновите и месеците ги добиле своите имиња.

Текст: Зоран Милчевски

Сподели.