Како настанал календарот [трет дел]: Денови

0

Денот, или поточно деноноќието, трае 24 часа само затоа што човекот сакал така да биде. Не постои ништо поврзано со астрономијата или природата со самата поделба на часови, минути и секунди.

Но, има нешто што се случува за времетраење од еден ден. Секогаш кога Земјата ќе се заврти еднаш околу својата оска поминува определено време, кое се нарекува ден. Астрономите многу прецизно го имаат измерено денот, и тоа со помош на ѕвездите. Во големите опсерватории се наоѓаат т.н. ѕвездени часовници. Со нив денот се мери на тој начин што мерењето на времето започнува кога една ѕвезда ќе помине преку небесниот меридијан, а завршува со следното минување на истата ѕвезда низ тој меридијан. Според ова мерење, денот трае 23 часа, 56 минути и 4,09 секунди. Но, за попросто сметање и за да нема забуна кај населението, денот е заокружен на 24 часа.

Неделата (седмицата), исто така, претставува вештачка поделба на времето, иако една месечева мена трае 7 дена, 9 часа и 11 минути. Пред да биде создадена седмицата, постоела само поделбата на месеци. Деновите биле броени, но немале имиња. Но, со развојот на градовите, кај човекот се појавила потреба да тргува, односно да ги разменува своите производи. Од тука се јавила потребата за посебни пазарни денови, кога ќе може да се тргува. Таков пазарен ден кај некои народи бил десеттиот ден од месецот, кај некои седмиот ден, и т.н. Вавилонците одредиле пазарен ден секогаш да биде седмиот ден, па се смета дека од тука потекнува и седмицата. На тој ден тие не работеле ништо, туку се собирале за трговија и верски прослави. И Евреите се надоврзале на Вавилонците, па и тие го одредиле седмиот ден за трговија и за разни прослави. Така е создадена седмицата, која всушност претставувала временски период помеѓу два пазарни дена и ден предвиден за религиозни прослави. Кај Античките Грци неделата траела 10 дена, но подоцна и тие ја прифатиле седумдневната недела. Римјаните најнапред имале осумдневна недела, додека седумдневната недела кај нив е воведена дури во IV век. Астрономите седмицата ја поврзуваат со месечевите мени, но голем дел од историчарите сметаат дека неделата, сепак, е поврзана со пазарните и религиозните денови.

Што е со имињата на деновите во седмицата?

Во глобала, имињата на деновите во голема мера зависат од јазикот на самиот народ. И покрај тоа што голем број на народи користат скоро исти називи за месеците во годината (со исклучок на неколку јазици од словенско потекло), кога станува збор за имињата на деновите, се забележува голема шареноликост. Сепак, и тука може да се забележат сличности. На пример, доста често имињата на деновите едноставно претставуваат броење на тој јазик. Ова особено е воочливо кај португалскиот јазик.

Македонски Португалски Руски Значење на рускиот назив
понеделник segunda-feira ponedelnik по „неработење“
вторник terça-feira vtornik втор
среда quarta-feira sreda среден
четврток quinta-feira chetverg четврти
петок sexta-feira pyatnitsa пети
сабота sabado subbota Sabbath
недела domingo voskresenye воскресение

Кај повеќето јазици кои водат потекло од латинскиот јазик, имињата на деновите се дадени според седумте „планети“ кои биле познати уште од античко време: Сонцето, Месечината, Меркур, Венера, Марс, Јупитер и Сатурн. Типичен пример е францускиот јазик.

Македонски Англиски Француски Шпански „Планета“
понеделник Monday lundi lunes Месечина
вторник Tuesday mardi martes Марс
среда Wednesday mercredi miercoles Меркур
четврток Thursday jeudi jueves Јупитер
петок Friday vendredi viernes Венера
сабота Saturday samedi sabato Сатурн
недела Sunday dimanche domingo Сонце

Кај англискиот јазик задржано е ова „правило“ за деновите сабота, недела и понеделник, додека за другите 4 дена земени се имиња кои потекнуваат од имињата на Англо-саксонски или Нордиски божества. Па така, вторник (Tuesday) е именуван по богот Tiw, среда (Wednesday) по Woden, четврток (Thursday) според Thor, и петок (Friday) според божицата Freya.

За тоа „Како настанал календарот“, односно првото продолжение од циклусот, кликнете тука.

За да прочитате повеќе за „Грегоријанскиот календар“, односно второто продолжение од циклусот, кликнете тука.

Текст: Зоран Милчевски

Сподели.