Илузија на црвја дупка придвижува магнетно поле во просторот правејќи го незабележливо

0

Научниците развија магнетен систем кој го имитира однесувањето на црвја дупка (wormhole), за која се теоретизира дека би создала искривување на време-просторот овозможувајќи патувања на огромни далечини за многу кратко време. Но, не се возбудувајте премногу – не се работи за вистинска црвја дупка. Сепак, овие научници го направија преносното магнетно поле невидливо, што всушност претставува многу интересно откритие.

Во објавениот труд тие опишуваат како успеале да создадат мала сфера со дијаметар од околу 45 милиметри, со феромагнетна површина (која може да стане магнетизирана), сферичен суперспроводлив слој и внатрешна феромагнетна покривка обвиткана во спирала. Суперспроводливиот слој бил изработен од суперспроводливи ленти залепени за сфера, а целиот уред бил потопен во течен азот за да може да функционира. Магнетното поле било донесено до едниот крај преку струја која поминувала низ калем.

Кога магнетното поле влегло во сферата од едниот крај, истражувачите покажале како истото се прокажува на другиот крај како изолирано поле кое наликува на монополарно, но во самата сфера немало ни трага од него. Двослојниот дизајн бил одговорен за правење магнетното поле да биде невидливо – неговото својство на привлекување и одбивање било поништено, правејќи го незабележливо.

„Полето исчезнува во една, и повторно се појавува во друга точка, како да патувало низ друга димензија,“ вели главниот истражувач Алваро Санчез (Alvaro Sanchez) за IFL Science.

Илузија на црвја дупка придвижува магнетно поле во просторот правејќи го незабележливо

Илустрација на влегувањето на полето во сферата (лево) и неговото преминување (десно), слично на ефектот на црвја дупка. Заслуги: Jordi Prat-Camps and Universitat Autònoma de Barcelona.

Кое е значењето на ова истражување? Тоа покажува дека магнетното поле може да патува од едната до другата страна на сферата без да создаде било какви значителни ефекти. Доколку ставите магнет во сферата, на него воопшто не би влијаело магнетното поле кое се пренесува. Нормално, во овој случај магнетното поле всушност се наоѓа во сферата, само не може да биде детектирано. Во вистинската теоретска црвја дупка, објектот би исчезнал во една точка на време-просторот и би се појавил во друга. Затоа, за постигнатиот ефект во ова истражување може да се каже дека е илузија на црвја дупка.

Истражувањето може да најде практична примена во отсликувањето со магнетна резонанца (MRI) во медицинатa. Преку овој ефект може да се постигне симултано снимање, на пример, со три детектори во еден МРИ скенер, кои меѓусебно нема да се попречуваат бидејќи нивните магнетни полиња би биле невидливи.

Следно, тимот планира да се насочи на истражување на истиот ефект во различни геометрии, како повторување на експериментот со употреба на цилиндар наместо сфера, со цел да нагласат некои попрактични аспекти на техниката.

Превод: Марина Димовска

Извор: IFL Science

Сподели.