Хабл истражува ѕвезден шрапнел

0
Хабл истражува ѕвезден шрапнел

Заслуги: ESA/Hubble & NASA, Y. Chu

Пред неколку илјади години, експлодирала ѕвезда одалечена од нас околу 160.000 светлински години, расфрлајќи ѕвезден шрапнел по небото. Периодот по оваа енергетска детонација е прикажан на оваа впечатлива фотографија од камерата 3 на Вселенскиот телескоп Хабл (Hubble).

Ѕвездата која експлодирала била бело џуџе лоцирано во Големиот Магеланов Облак, една од нашите најблиски соседни галаксии. Околу 97 проценти од ѕвездите во рамките на Млечниот Пат, кои имаат маса помеѓу една десетина од масата на Сонцето и маса осум пати поголема од него, се очекува да завршат како бели џуџиња. Овие ѕвезди може да се соочат со различна судбина, на пример да експлодираат како супернови, едни од најсветлите настани кои некогаш биле набљудувани во Универзумот. Доколку бело џуџе е дел од бинарен систем од ѕвезди, тоа може да откинува и присвојува материјал од својот сопатник. По присвојување на поголема маса отколку што може да поднесе и растење до димензии од 1,5 од големина на Сонцето, ѕвездата станува нестабилна и експлодира во тип Ia супернова.

Тоа бил случај и со остатокот од супернова кој може да се види на оваа слика, а е познат како DEM L71. Тоа се случило кога белото џуџе дошло на крајот од својот живот и се раскинало себеси на парчиња, исфрлајќи притоа облак од врели остатоци. Удирајќи во околниот меѓуѕвезден гас, овој ѕвезден шрапнел постепено се разлеал во одделни нишки од материјал кои може да се забележат расфрлани по небото.

Превод: Дарија Велкова

Извор: Phys

Сподели.