Граѓани-научници откриваат нов студен свет блиску до Сонцето

0

Нова алатка за граѓанска наука, пуштена во употреба порано оваа година за да им помогне на астрономите да пронаоѓаат нови светови кои демнат во далечните краишта на нашиот Сончев Систем, веќе доведе до откритие: кафеаво џуџе нешто повеќе од 100 светлински години оддалечено од Сонцето.

Граѓани-научници откриваат нов студен свет блиску до Сонцето

Уметнички приказ на изгледот на кафеавото џуџе. Заслуги: Chuck Carter and Gregg Hallinan/Caltech/NASA

Само шест денови по пуштањето на веб-страницата Светови во нашиот двор: Планета 9 (Backyard Worlds: Planet 9) во февруари, четири различни корисници го посочија интересниот објект на тимот од научници, чие присуство е оттогаш и потврдено со инфрацрвен телескоп. Деталите беа објавени неодамна во Astrophysical Journal Letters.

„Бев толку горд на нашите волонтери додека гледав како пристигнуваат податоците за овој нов студен свет,“ изјави Џеки Фахерти, научник во Одделот за Астрофизика при Американскиот Природно-Историски музеј, и еден од истражувачите во проектот Backyard Worlds. „Тоа беше добар момент за науката.“

Проектот Backyard Worlds му дозволува на секој со компјутер и Интернет врска да ги разгледува сликите добиени со вселенското летало WISE на НАСА. Ако еден објект е доволно близу до Земјата, ќе изгледа како тој да „скока“ кога ќе се споредат неколку слики од истата точка на небото сликани во временски период од неколку години. Целта на волонтерите во Backyard Worlds, кои ги има повеќе од 37.000, е да ги означат движечките објекти кои ги гледаат во овие „дигитални сликовници“ (flipbooks), за понатамошна истрага од страна на тимот од научници. Досега волонтерите имаат класифицирано повеќе од 4 милиони вакви „сликовници“.

View post on imgur.com

Гиф од фотографиите кои ја сочинуваат „дигиталната сликовница“ (flipbook), од кои граѓаните-научници го идентификувале кафеавото џуџе (означено во црвен круг). Заслуги: NASA

Денови по премиерата на веб страницата Backyard Worlds на 15-ти февруари, Боб Флечер, професор по природни науки во Тасманија, идентификувал многу блед објект како се движи преку сликите на WISE. Наскоро истиот објект бил обележан од три други граѓани, од Русија, Србија и САД. По првичната истрага од страна на истражувачкиот тим, кој првично го нарекол објектот „џуџето на Боб“ (Bob’s Dwarf), Фаjерти добила пристап до зградата на Хавајскиот инфрацрвен телескоп на НАСА, каде што потврдила дека тоa навистина е досега неоткриено кафено џуџе, само неколку стотици степени потопло од Јупитер. Авторите велат дека го пропуштиле овој oбjeкт бидејќи е премногу блед. Сите четири волонтери се коавтори на истражувањето во кое е објавено откритието.

Кафените џуџиња, понекогаш наречени „неуспешни ѕвезди,“ се распространети низ Млечниот Пат. Тие немаат доволно маса да остварат постојана нуклеарна фузија, но се доволно жешки за да светат во инфрацрвениот дел од спектарот.

„Кафеавите џуџиња се необично слични со Јупитер, па затоа ги проучуваме нивните атмосфери за да видиме како би можеле да изгледаат временските услови на други планети,“ вели Џонатан Гање, член на тимот на Backyard Worlds од Карнеги Институтот за наука. Иако истражувачкиот тим на овој проект се надева да ја најде озлогласената Планета 9, која се крие во нашиот Сончев Систем, овие кафени џуџиња се исто така интересни откритија.

„Можно е да постои студен свет поблиску отколку најблискиот сосед-ѕвезда на Сонцето,“ изјави Фајерти. „Со доволно време, мислам дека нашите волонтери ќе ни помогнат да ја завршиме мапата на нашето соседство околу Сонцето.“

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Phys

Сподели.