Големо суперјато од галаксии скриени од Млечниот Пат

0

Меѓународен тим на астрономи открил претходно непозната, голема концентрација на галаксии во соѕвездието Вела и оваа структура била именувана суперјато Вела (Vela supercluster). Можно е гравитациското привлекување од ова масивно суперјато, кое се наоѓа во нашето соседство, да има битен ефект врз движењето на Локалната Група, а со тоа и ефект врз движењето на Млечниот Пат. Исто така, со ова откритие може да се објасни насоката и амплитудата на чудната брзина на Локалната Група, земајќи ја предвид космичката микробранова позадина.

Големо суперјато од галаксии скриени од Млечниот Пат

Суперјатото Вела и неговата поширока околина. Заслуги: Thomas Jarrett (UCT)

Суперјатата се најголемите и најмасивните познати структури во Универзумот. Тие содржат јата на галаксии и ѕидови кои се простираат до 200 милиони светлински години. Суперјатото Шејпли е најпознатото; тоа се наоѓа на околу 650 милиони светлински години оддалеченост од нас и содржи над дваесет масивни јата, кои емитуваат рентген зраци во кои биле измерени брзините на илјадници галаксии. Се верува дека суперјатото Шејпли е најголемото од неговиот вид во нашето космичко соседство.

Сега, тим од Јужна Африка, Холандија, Германија и Австралија, открива уште едно големо суперјато,одалечено од нас околу 800 милиони светлински години, кое покрива дури и поголема површина од Шејпли. Суперјатото Вела досега не било забележано, бидејќи е сместено зад Млечниот Пат, каде што прашина и ѕвезди ја затскриваат позадината. Според резултатите на тимот, суперјатото Вела можеби е масивно колку и Шејпли, што значи дека неговото влијание врз Локалната Група е споредливо со она на Шејпли.

Професорот Рене Краан-Кортвег од Универзитетот на Кејптаун, која го водела ова истражување и го проучувала овој регион повеќе од една деценија, вели: „Не можам да поверувам дека ќе се прикаже толку голема структура,“ кога таа и нејзините колеги го анализирале спектарот на новите податоци.

Научниците Ханс Борингер и Гајунг Чон од Макс Планк Институтот за екстратерестријална физика (Max-Planck-Institut für extraterrestrische Physik) го прегледувале регионот на суперјатото во потрага по галаксии видливи во спектарот на X-зрачење и пронашле две масивни јата во регионот покриен од прегледот на црвено поместување и други масивни јата во непосредна близина. Оттука, тие заклучиле дека: „Ова откритие покажува дека суперјатото Вела има значително поголема густина на материја од вообичаено, што ја прави видливо голема структура.“

Досега овој регион е само малку прегледан, односно делот кој се наоѓа најблиску до Млечниот Пат е затскриен од густ слој на ѕвезди и прашина. Се планира набљудување со новата радио астрономска опсерваторија Меркат (MeerKAT) со кои би се помогнало да овој затскриен регион.

Ова истражување на видливи јата во спектарот на Х-зрачење, спроведено од МПЕ тимот, Ханс Борингер и Гајунг Чон, од неодамна е проширено да го покрива овој регион и во спектарот на Млечниот Пат. Зоната на суперјатото Вела и неговата околина ќе добие посебно внимание. „Ние веќе имаме добри индикации дека ова суперјато е само дел од огромна мрежа на космички нишки трасирани преку јата, давајќи ни нам увид во дури поголема структура. Со идната мултибранова програма се надеваме дека ќе го откриеме неговото целосно влијание врз космографијата и космологијата,“ забележува Гајунг Чон.

Превод: Бобан Панов

Извор: Phys

Сподели.