Ѕвездените јата можат да создадат бинарни црни дупки

0

Што може да предизвика поголема стравопочит од објект кој е невидлив, но со толку силно гравитациско поле што може да распрсне цели ѕвезди? Можеби два такви објекти кои се вртат еден околу друг…

Најново истражување предвидува дека вакво сценарио се случува доста често во внатрешноста на ѕвездените јата, но и дека наскоро ќе имаме можност да ги детектираме. За едни од најспектакуларните настани во Вселената се сметаат судирите на неутронските ѕвезди и црните дупки, кои уништуваат ѕвезди, а сега на листата може да се додаде и спојувањето на две црни дупки. Ова би можело да се случува прилично често, а се претпоставува дека тоа е механизмот на создавање на супермасивните црни дупки во центрите на галаксиите.

Сепак, бидејќи не можеме директно да ги набљудуваме црните дупки, детектирањето на ваквите средби е предизвик. Набљудувањето на „танцот“ кој се случува кога црни дупки влегуваат во орбита една околу друга, како и распадот на орбитите кога тие ќе се спојат во една, претставува една од главните задачи на новата генерација детектори на гравитациски бранови (која сè уште е во процес на изградба). Сè досега набљудувањата на настаните беа едноставно со гледање во Вселената, но овие детектори ќе го сменат тоа. Ќе можеме да регистрираме, да слушнеме работи што никогаш не би можеле да ги видиме.

Карл Родригез е студент и прв автор на оваа студија објавена во Physical Review Letters. Во неа се посочува дека во густи ѕвездени системи како што се ѕвездените јата, бинарните системи се формираат под влијание на веќе разбрани гравитациски интеракции. Стапката на формирање на вакви системи се проценува на околу 100 годишно.

Се мисли дека ова се најтипичните примери за спојување на црни дупки, а можеби со помош на гравитациските бранови ќе може да се разбере и потеклото на засебните црни дупки пред нивното спојување, односно да се погледне во минатото.

Ако ова ви звучи егзотично, имајте предвид дека Frederic Rasio предложил теорија според која три црни дупки можат да креираат космички ménage à trois пред да се спојат сите три во едно.

Превод: Милан Велков

Извор: IFL Science

Сподели.