Фотографија од вонземски свет оддалечен 1200 светлински години

0

Неверојатната директна снимка ни го открива објектот кој најверојатно е вонземска планета и е дел од системот на ѕвезда оддалечена 1200 светлински години од нас. Потенцијалниот кандидат за планета на фотографијата се гледа како мала кафена точка лево од нејзината значително поголема ѕвезда домаќин. Снимката е направена од Европската јужна опсерваторија во Чиле, со помош на познатиот телескоп VLT (Very Large Telescope).

Фотографија од вонземски свет оддалечен 1200 светлински години

Телескопот VLT (Very Large Telescope), лоциран во Чиле, направи директна снимка од објект кој најверојатно е егзопланета која орбитира околу ѕвездата CVSO 30 (синиот објект). Извор: ESO

За да замислиме колку фасцинантен е фактот што имаме директна снимка од овој далечен свет, да земеме предвид дека ѕвездата CVSO 30 е околу 280 пати подалеку од нас отколку Алфа Кентаури (нашиот најблизок систем) и дека една светлинска година е околу 9.5 трилијарди километри. Па, фотографираниот свет е на 11 квадрилиони километри од нас. Објектот кој е познат како CVSO 30c останува да биде кандидат за планета и неговата официјална потрврда се очекува по дополнителни анализи или опсервации. Во случај на потврдување, ќе може да се заклучи дека планетата орбитира околу својата ѕвезда на огромна оддалеченост од 660 астрономски единици и една нејзина орбита трае 27.000 години. Околу истата ѕвезда во 2012-та година преку методот на транзит беше откриен друг кандидат за планета, CVSO 30b. Двете потенцијални планети се гасовити џинови од типот на Јупитер и Сатурн, но има знајачни разлики во нивните орбити, па така 30b орбитира на само 0.008 астрономски единици од ѕвездата и нејзината орбита трае само 11 часа.

Преку директно фотографирање досега се отркиени само мал број на планети, а најголем дел ги откриваме преку методот на транзит со мисијата Кеплер на НАСА. Со напредокот на технологијата се очекува зголемена продуктивност и квалитет на истражувањето преку методот на директно фотографирање, па дури и конечна потврда за докази за вонземски живот.

Извор: Space

Превод: Михаела Стојанова

Сподели.