Една од најстрашните експлозии во Универзумот

0
Една од најстрашните експлозии во Универзумот

Јатото MS 0735.6+7421 со жежкиот гас кој е детектиран од Чандра (Chandra) (со сино) и огромните млазови гас детектирани со радио бранови (розово).

Најмоќната црна дупка која досега е откриена се наоѓа во јатото MS 0735.6+7421 на 2.6 милијарди светлински години оддалеченост, во соѕвездието Жирафа. Нејзината маса е проценета на 10 милијарди соларни маси, а секоја секунда емитира енергија која нашето Сонце ја емитира за 200 000 години. Во овие 100 000 години колку што е активна, емитирала  1055 Џули енергија, конзумирајќи маса еднаква со 600 милиони соларни маси.

Иако оваа црна дупка е откриена  уште во 2005 година, астрономите сè уште не се сигурни за потеклото на целиот тој материјал. За големите црни дупки се очекува дека растеле сосема малку во неодамнешното минато, па затоа научниците се заинтригирани од овој објект. Теоријата која се чини најверојатна во моментов е дека гасот во галаксијата неочекувано и за многу краток период се изладил и бил проголтан од црната дупка. Порано ова било познато како „гозба за време на пост.“

Монструозната црна дупка има драматичен ефект на целото јато. Материјалот кој се наоѓа меѓу галаксиите во јатото се загрева и  до 100 милиони Келвини и се формираат две големи празнини (по 600 000 светлински години во пречник) од страна на моќните млазови на црната дупка. Млазовите се составени од високоенергетски електрони кои емитираат радио бранови (розовата светлина на сликата погоре). Овие електрони се движат низ интергалактичкиот гас со суперсонична брзина и ги формираат  празнините кои се наоѓаат меѓу нив и изворот на сликата.

Астрономите ја проценија енергијата на црните дупки само со мерење на овие празнини. Чандра (Chandra), телескопот за  X-зраци, и порано има откриено вакви празнини, но никогаш со толку големи димензии. Оваа слика на  MS 0735.6+7421 е една од шесте слики од ова јато кои се чуваат во архивите на Чандра, архива стара 16 години.

Превод : Милан Велков

Извор : IFL Science

Сподели.