Десет интересни факти за Нептун [втор дел]

2

Следува втората половина од статијата која ќе ве запознае со неколку интересни факти за најоддалечената гасовита планета во Сончевиот систем. Уживајте!

6. Нептун е најстуденатата планета во Сончевиот систем:

Во најгорниот дел на облаците, температурите на Нептун може да се симнат до 51,7 Келвини или -221,45 Целзиусови степени (-366,6 °F). Тие се скоро три пати  пониски од најниските температури кои биле некогаш забележани на Земјата (-89.2°C; -129°F), што значи дека незаштитено човечко тело моментално ќе замрзне! Плутон е уште постуден – температурите таму стигнуваат до до 33 K (-240 °C/-400 °F). Но сепак, Плутон веќе не е планета.

7. Нептун има прстени:      

Кога луѓето ќе помислат на системи од прстени, Сатурн е вообичаено првата планета што им доаѓа на памет. Но дали ќе се изненадите кога ќе дознаете дека Нептун има исто така систем од прстени? За несреќа, потешко е да се набљудуваат споредено со светлиот, јасен прстен на Сатурн, поради што не се толку познати. Вкупно, Нептун има пет прстени, кои се наречени според астрономите кои направиле важни откритија за Нептун – Гал, Ле Верие, Ласел, Араго и Адамс.

Овие прстени се составени од барем 20% прав (додека некои содржат и 70%), се со големина од микрометри и се слични на честичките што ги прават прстените на Јупитер. Остатокот на материјалот на прстените се состои од мали камења. Прстените на планетата тешко може да се видат бидејќи се темни, што се должи веројатно на присуството на органски состојки кои се изменети поради изложеноста на космичката радијација. Ова е слично со прстените на Уран, но многу поразлично од ледените прстени околу Сатурн.

Се верува дека прстените на Нептун се релативно млади – многу помлади споредено со староста на Сончевиот систем и многу помлади од прстените на Уран. Согласно теоријата, дека Тритон бил објект во Кајперовиот појас и бил зафатен од гравитацијата на Нептун, се верува дека тие се резултат на судир на некои од првобитните месечини на планетата.

8. Нептун веројатно ја заробил својата најголема месечина, Тритон:

Десет интересни факти за Нептун

Тритон, најголемата месечина на Нептун.

Најголемата месечина на Нептун, Тритон, кружи околу Нептун во ретроградна орбита. Тоа значи дека орбитира околу планетата наназад во однос на другите месечини на Нептун. На ова се гледа како знак дека Нептун веројатно го заробил Тритон т.е. месечината не е формирана на исто место како остатокот на месечини на Нептун. Тритон  е зафатен во синхронизирана ротација со Нептун и бавно се доближува кон планетата.

Во некој период во иднината, по милијарди години, Тритон веројатно ќе биде растргнат од гравитациските сили на Нептун и ќе стане прекрасен прстен околу планетата. Овој прстен ке биде повлечен кон внатре и ќе се сруши во планетата. Штета е што таков настан ќе се случува во далечната иднина, бидејќи би било неверојатно да се гледа!

9. Нептун бил посетен одблиску само еднаш:

Единственото вселенско летало кое некогаш го посетило Нептун е Војаџер 2 на НАСА, кое ја посети планетата за време на неговата Голема тура низ Сончевиот систем. Војаџер 2 пролета покрај Нептун на 25 август 1989 година, поминувајќи на 3.000 километри од северниот пол на планетата. Ова беше најголемо доближување до било каков објект што го направи Војаџер 2 откако беше лансиран од Земјата.

За време на својот прелет, Војаџер 2 ги проучуваше атмосферата на Нептун, прстените, магнетосферата и прелета блиску и до Тритон. Војаџер 2 ја виде „Големата темна дамка“ на Нептун, ротирачки систем на бури кој оттогаш го снема, според набљудувањата од вселенскиот телескоп Хабл. Првобитно е сметано дека се работи за голем облак, но информациите собрани со Војаџер помогнаа да се добие појасна слика за вистинската природа на овој феномен.

10. Нема планови за повторна посета на Нептун:

Прекрасните фотографии на Нептун од Војаџер 2 можеби ќе бидат единствените во следните децении, бидејќи нема сигурни планови за враќање во Нептуновиот систем. Сепак, можна е мисијата Адмиралски брод (Flagship Mission), за која НАСА предвидува да се случи помеѓу доцните 2020-ти и раните 2030-ти. На пример, во 2003 година, НАСА објави прелиминарни планови за праќање на нова Касини-Хајгенс мисија кон Нептун, наречена Нептун Орбитер (Neptune Orbiter).

Истата опишана како „Нептун орбитер со сонди“, имаше предложена дата за лансирање во 2016 година и ќе пристигнеше до Нептун во 2030 година. Предложената мисија ќе орбитираше околу планетата и ќе го проучуваше времето, магнетосферата, системот од прстени и месечините. Сепак, нема нови информации за овој проект и веројатно истиот е укинат.

Исто така, друг неодамнешен предлог на НАСА се однесува за Арго (Argo) – вселенско летало кое ќе биде лансирано во 2019 година и ќе ги посети Јупитер, Сатурн, Нептун и Кајперовиот појас. Фокусот ќе биде на Нептун и неговата најголема месечина Тритон, која ќе биде истражувана во 2029 година.

Ова се само некои од работите што го прават Нептун да биде таква фасцинантна планета и кој вреди да се проучува. Можеме само да се надеваме дека идните мисии ќе бидат лансирани кон надворениот дел од Сончевиот систем за да може да се дознае повеќе за многуте тајни кои чекаат да бидат откриени.

Превод: Сашо Станоески

Извор: Universe Today

Сподели.