Дали треба да сме исплашени од астероиди?

0
Дали треба да сме исплашени од астероиди?

Заслуги: solarseven/Shutterstock

Денот на астеродите е 30 јуни. Идејата за денот посветен на астероидите настанала од меѓусебната соработка на астрофизичарот Брајан Меј (Brian May) и филмскиот работник Григориј Рихтерс (Grigorij Richters), чија цел е да создадат движење што ќе се бори за поголема детекција на астероидите и за создавање каталог на астероиди, кои се наоѓаат во нашиот Сончев систем.

Опасноста што астероидите ја носат со себе е голема, но огромни катастрофи поради астероиди речиси сигурно нема да сретнеме за време на нашиот животен век. Што се промени? Зошто е зголемен интересот за оваа тема? Дали треба да бидеме исплашени од тоа што може да предизвика еден удар од астероид?

Според експертите, веројатноста еден астероид да предизвика катаклизма на Земјата е иста како и веројатноста еден човек да има сообраќајна несреќа на одреден ден. Значи, веројатноста не е многу голема, но не е и безначајна. „Реалноста е дека ние, луѓето, сме свесни за само една стотина од сите астероиди кои можат да ја погодат површината на Земјата“, изјавува Меј за IFL Science.

Според Алан Фицсимонс (Alan Fitzsimmons), астроном на универзитетот Квинс во Белфаст (Queen’s University Belfast), постои каталог од 12.000 астероиди што ни се познати, но научниците сакаат да го зголемат овој број барем за 100 пати, со тоа што би го зголемиле барањето на вакви астрономски објекти. За оваа цел е создадена и 100X Declaration. Но и едно вакво пребарување нема да нè доведе до целта  ̶  да ги откриеме сите потенцијални астероиди што би можеле да паднат на Земјата. Како знаеме дека вакви објекти постојат во Вселената иако сè уште не сме ги пронашле?

„Колку и да е чудно, знаеме колку ги има“, вели Фицсимонс за IFL Science. „Има повеќе начини како да се пресмета нивниот број, но секогаш излегува речиси ист број. Всушност, досега имаме пронајдено 900 од нив, што е 90% од сите“.

Заслуги: NASA/JPL-Caltech

„Астероидите се како каменчиња на плажа, за секоја карпа има неколку поголеми камења, заедно со чакал. Истото тоа важи и за астероидите“, изјавува тој. Околу Земјата има 1.000 астероиди со дијаметар поголем од километар, но метеори како оној што падна во Русија во 2012 година (широк 20 метри) има милиони. Тој метеор успеа да повреди повеќе од илјада луѓе, а замислете доколку падне на места како што се Лондон или Њујорк. „Астероидите не дискриминираат“, потсетува Ричард Краутер (Richard Crowther), професор по астронаутика.

Разбирањето на опасноста што ја носат астероидите значи да се зголеми базата на податоци за астероиди. Знаењето е значајно, но што ако опасноста се појави по една, десет или по педесет години отсега?

Ако еден астероид би ја удрил Земјата утре, тогаш нема нешто што посебно би можеле да направиме за да го спречиме тоа. „Единствено нешто што би можеле да дознаеме е точното место каде би паднал и да ги предвидиме ефектите од тој удар“, објаснува Фицсимонс.

За одбрана од астероиди постојат и други, не толку познати опции. Проектот NeoShield работи на два начина за одбрана од астероиди: кинетички судирач (kinetic impactor) и гравитациски повлекувач (gravity tractor). Првиот начин е со употреба на неколку вселенски летала кои ќе го удрат астероидот и така ќе го отстранат од неговата патека на движење. Вториот начин е предложен од двајца астронаути. Овој начин е таков што со употреба на малото гравитациско поле на едно вселенско летало астероидот ефикасно би бил пренасочен од својата патека на движење, која е опасна за Земјата.

Дали треба да сме исплашени од астероиди?

Гравитацискиот привлекувач. Заслуги: Airbus Defence and Space.

Не се работи секогаш за најлошото можно сценарио, бидејќи ударите од помали објекти се побројни од ударите од поголеми објекти. Накратко, ударите од астероиди не значат и крај на светот, иако треба да бидеме подготвени и за мали удари.

Денот на астеродите е завршен, но не и нашата работа. Опасноста нема да исчезне, но тоа е опасност која можеме да ја предвидиме и да направиме нешто да се справиме со неа. Затоа, сега е времe светот да се обедини околу оваа тема и да почне да дејствува.

Превод: Јован Поповски

Извор: IFL Science

Сподели.