Дали Големиот Прскот бил всушност нешто како Голем Отскок?

0

Универзумот започнал пред 13,8 милијарди години од еден сингуларитет кој екстремно брзо се раширил до димензии милијарда пати поголеми од почетните. Ова е познатата теорија за Големиот Прскот (Big Bang), која иако има многу докази во своја полза, сепак не ги одговара сите прашања за почетокот на Вселената.

Бидејќи теоријата не е совршена, низ годините се појавија нови, комплексни идеи кои се додадени на оригиналниот концепт за Големиот Прскот за да се објасни едноставноста на макрокосмичкиот поредок на Универзумот.

Истражувачите д-р Стефен Гилен (Steffen Gielen) и д-р Нил Турок (Neil Turok) од Институтот за теоретска физика во Канада побараа начин да се најде поедноставено објаснување. Едно решение е Големиот Прскот да се претвори во Голем Отскок.

Согласно ова истражување, инаку објавено во списанието Physical Review Letters, законите на квантната механика ја спречуваат појавата на сингуларитет. Оваа теорија е позната како конформална симетрија и таа е воедно причината зошто електроните не паѓаат накај протоните.

„Квантната механика не спасува кога нештата се распаѓаат“ – изјавува Гилен. Ги спречува електроните од паѓање кон јадрото и уништување на атомот, па можеби таа го спасила и Универзумот од насилни почетоци и краеви како Големиот Прскот, односно Големата Криза.

Квантната механика и општата теорија на релативноста се двете главни теории во физиката, но само ако се одвоени една од друга. Заедно, тие не се вклопуваат добро. Изненадувачки во нашата работа е тоа што најраните моменти на Универзумот, на самиот Голем Прскот, можат да се опишат со помош на квантната механика, под  минимални и разумни претпоставки за материјата присутна во Универзумот – вели др. Турок. „Кај овие претпоставки, Големиот Прскот бил „отскок“ кај кој стеснувањето се преобратило во ширење“.

Големиот Отскок всушност е забранет во релативитетот, но можеби е дозволен во поопштата  теорија на сè, која може да ги соедини квантната механика и релативноста. Способноста на овој модел да даде решение на проблемот за Големиот Прскот, значи дека се можни и други начини на формирање на Универзумот од досегашните претпоставки.

Бидејќи добра хипотеза во физиката не го објаснува само она што веќе се случило, туку дава и добри прогностички можности, истражувачите во моментов веќе се обидуваат да ја проверат нејзината издржаност. Ќе треба да се најдат можни решенија за тоа Универзумот да почне да се собира, бидејќи заклучокот од досегашните набљудувања беше дека ширењето ќе биде вечно.

Превод: Милан Велков

Извор: IFL Science

Сподели.