Астрономите следат создавање на џиновски објект

0
Астрономите следат создавање на џиновски објект

Уметничка перспектива на W75N(B)-VLA-2. Лево: Топол ветер од младата ѕвезда сферично се проширува во 1996 година. Десно: Во 2014-та, ветерот е обликуван во елипса од страна на прашинест торус. Заслуги: Бил Сакстон, NRAO/AUI/NSF

Две фотографии кои се сликани во временско растојание од 18 години покажуваат дека понекогаш астрономските настани не се одвиваат во астрономски временски чекори – оваа џиновска ѕвезда, која веќе е 300 пати посветла од нашето Сонце, се формира пред нашите очи.

Иако ѕвездите може да се уништат во период од само неколку часови, скоро сè останато поврзано со нивниот животен век се мери во периоди од милиони или милијарди години. Сепак, колку што е поголема самата ѕвезда, толку е побрзо и темпото и начинот на кој таа живее. Споредбата помеѓу двете слики покажува што може да ѝ се случи на голема ѕвезда и тоа во период од само две децении.

Во 1996 година, ѕвездата W75N(B)-VLA-2 била набљудувана преку опсерваторијата Very Large Array (VLA). Сликата покажува топол јонизиран регион околку ѕвездата. Кога Др. Карлос Караско-Гонзалес, од Националниот независен универзитет во Мексико, повторно ја користел опсерваторијата во 2014-та година, разликата била огромна. „Гледаме драматични промени во тековно време, па овој објект нè снабдува со одлична можност истите да се набљудуваат во наредните неколку години, кога многу младата ѕвезда поминува низ раните фази на формирање,“ вели Гонзалес.

W75N(B)-VLA-2 е на растојание од 4.200 светлински години од нашата Земја. Таа има ѕвезда-придружничка, која се формира на растојание од 900 астрономски единици.

Караско-Гонзалес открива дека двете ѕвезди емитираат 22 GHz масер, микробранов ласер, кој во случајот со VLA-2 се проширува до 6 пати поголемо растојание од растојанието помеѓу Сонцето и Нептун.

„Нашето разбирање и познавање на начинот на развој кај младите ѕвезди е далеку помало од знаењето за развојот на ѕвездите кои се слични на нашето Сонце,“ вели Гонзалес. „Навистина ќе биде интересно да се следат промените на една ваква ѕвезда. Очекуваме да научиме многу од овој објект.“

Обвивката на масерот се проширува со стапка од 30 kms-¹. „Уште поважно,“ според трудот, “обвивката еволуирала од скоро целосно кружна кон елиптична,“ – два пати подолга отколку што е широка.

Оргинални слики од W75N(B)-VLA-2, горниот дел е од 1996, додека долниот од 2014 година.

Авторите заклучиле дека обвивката е околу 25 години стара и е „причинета од краток епизодичен одливен настан.“

Регионот на ѕвезденото формирање, каде двете ѕвезди се наоѓаат, има магнетно поле кое се простира на 2000 астрономски единици. Во 1996 година масерот на W75N(B)-VLA-1 бил во линија со полето, но оној на W75N(B)-VLA-2 не бил. Осумнаесет години подоцна, ова е променето и сега двата се во линија. Помалку од 5 години поминаа откако Гонзалес го откри првиот доказ за магнетизиран млаз емитиран од млада ѕвезда, помогнувајќи во создавањето на слика за улогата на магнетизацијата при ѕвезденото формирање.

Пронајдоците и понатаму оставаат одредени нејасни прашања, вклучувајќи го прашањето за тоа како релативно мирен ѕвезден ветер може да предизвика така рапидно проширување на обвивката на масерот. Како и да е, според авторите, „Можеби се наоѓаме на работ на опишување и моделирање, во тековно време, на сите овие промени“.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: IFLS

Сподели.