Астрономијата: хоби или опсесија?

0

Многу пати сум се запрашал дали астрономијата сè уште е хоби за мене, или пак има прераснато во нешто повеќе. Како што и самиот некогаш ќе забележам од своите постапки, а и од тоа што луѓето околу мене ќе ми го кажат. Дали станав опседнат?

За да ја започнам мојата потрага по вистината, побарав дефиниција за астрономијата од неколку извори. Еден од поинтересните ми се виде: „Научно истражување на Универзумот и на објектите кои природно постојат во Вселената, како што се Месечината, Сонцето, планетите и ѕвездите.“

Сега треба да ја најдам и дефиницијата за тоа што е хоби? Еве што се подразбира под хоби: „Активност надвор од секојдневната работа во која е вклучена една личност примарно заради релаксација“, и уште една: „Активност која што некој ја прави од задоволство кога не работи.“ А кога ќе ги споиме заедно се добива една многу убава и интересна дефиниција, хмммм…. „Научно истражување на Универзумот за релаксација и задоволство.“ Звучи многу лудо знам, ама многу луѓе, аматерите астрономи уште веднаш ги вклучуваат во таа категорија на луѓе, кои на еден неконвенционален начин работат многу активности.


iss

Да видиме и што е опсесија. Е тука веќе многу се разликуваат дефинициите. Првата која и не звучи многу лошо е кратко и јасно „Голема мотивација.“ Да, за тоа знам дека астрономијата многу ме мотивирала и на најразновидни начини, но потоа доаѓа: „Трајна, вознемирувачка преокупација кај која понекогаш се јавуваат нереални идеи или чувства“ – ова звучи морничаво.

Ама последната дефиниција е… нема да ги дополнам точките: „Некој или нешто за кое што размислувате постојано.“ Упс, ова не требаше. Делува страшно и дури одма ме замислува дека си имам голем проблем. Многу често размислувам за астрономијата, впрочем и сега додека го пишувам овој текст размислувам за неа! Знам дека кога ги прочитавте последните зборови си помисливте овој човек си има проблем, особено тие што не ме познаваат. Но, како да ја кажеме разликата помеѓу едно убаво хоби и астрономска опсесија? Кои се знаците на опсесија од астрономијата и дали има лек за тоа?

Епа токму сега си започнав со барањето на тој одговор.

Еволутивниот пат на многу астрономи аматери започнува уште во раното детство. Кога првпат ќе погленеме во ѕвездите и ќе ни се допадне таа мистерија и прекрасно чувство на слобода која ја даваат кога ќе ги набљудувате. Но, како што ќе видите опасноста на тој пат следи при секој чекор.

Нема човек на планетата што барем еднаш не бил запрепастен од убавината на ноќното небо. Кога некогаш сте биле во посета на вашите баба и дедо на село или, пак, кога сте се нашле некаде на пат и сте застанале со автомобилот. Сигурно сте биле на некое кампување или, пак, сте имале некоја убава ноќ под отворено небо за време на летниот одмор. Сигурно една ваква вечер може да ви ја роди големата желба за астрономијата. Можеби за мене тоа беа токму тие преубави летни ноќи на плажата во Св. Наум, каде што небото го гледате на еден посебен начин и заедно со друштвото си ги составувате соѕвездијата на небото. И тогаш ќе ви се појават најрзновидни чадорчиња, тавчиња, гулаби. Но, тогаш сè уште не ги познавав вистинските соѕвездија, и сè беше оставено на фантазијата и љубопитноста. Денес 60% од светското население живее во градовите и никогаш не може да го забележи Млечниот pат од своите домови. Всушност, многу малку ѕвезди денес воопшто можат да се видат од градовите со голо око, поради што веќе и луѓето не ни погледнуваат кон небото. А голем дел од нив ниту еднаш не ја почувствувале таа моќ и несопирливото чувство на возбуда кога ќе ги погледнете ѕвездите во толку голем број.

Lansiranjeto_na_sonistata

Веќе ги спомнав, но следното што доаѓа се соѕвездијата. Претставата за нив секогаш може да биде различна, особено доколку не го знаете вистинскиот распоред на ѕвездите од едно вистинско соѕвездие на небото. Можеби во тој период аматерите астрономи, а и луѓето што сакаат одвреме навреме да уживаат во небото, најмногу се воодушевуваат на соѕвездијата. Наместо 88, колку што официјално има соѕвездија на небото, може да си пројадете едно чудо свои соѕвездија, кои на никој начин не се поврзани со вистинските. Но, сепак, оваа потрага по соѕвездијата е многу интересна. Веќе кога ќе почнете да ги учите вистинските соѕвездија, како Орион, Голема мечка, Скорпија,… фантазијата малку се губи. Следниот поглед што ќе го упатите кон небото нема дoтаму да видите некое чадорче, туку ќе го видите грандиозно Херкул како стои исправен со високо раширени раце. Но, ова што го кажав не значи дека фантазијата исчезнала, астрономијата секогаш и на секој можен начин е проткаена со фантазијата, иако е наука која што го осознава целиот свет околу нас.

Првиот поглед низ телескоп може да значи дека се наоѓате на опасен пат кон деструкција. А уште пострашно е доколку имате пари да си набавите сопствен телескоп и да го користите за набљудување. Првпат кога ќе ја погледне Месечината низ телескоп, доволно е некој човек да го приврзете за астрономијата. А дури кога ќе го насочите кон планетите, Јупитер со неговите 4 Галилееви сателити, кои сигурно не сте знаеле дека се таму, и потоа кон Сатурн и неговите прстени. Веќе ова е фатално. Можеби најдобро е наместо знакот за предупредување кој стои на секој телелскоп и на кој пишува да не гледате со него директно во Сонцето зошто може да си го оштетите видот да стои: „Внимание: ако погледнете низ овој телескоп, вашиот живот може да се смени засекогаш!“

Тука, подоцна доаѓаат Месијеовите објекти. Следната граница што еден астро-аматер мора да ја помине. Е ако и после оваа точка не се откажете, или барем се насочите повеќе кон теоретскиот дел на астрономијата, катанецот е на вашата рака. Тоа обично се случува со повремени погледи на Орионовата маглина и Плејадите. Потоа сè повеќе ќе ги учите Месијеовите објекти и често ќе ги посетувате, за на крај најпасионираните набљудувачи и на памет да ви ги претстават сите 110 објекти без притоа да употребуваат ниту една карта за тоа каде се наоѓаат. За патот низ Месијеовите објети да заврши со неуморното барање на сите објекти во текот на една ноќ (Месијеовиот маратон) и фрустрациите како да го поминете најлесно јатото Девица.

Buran

Веќе болеста е тука. Ги гледате објектите, но посветлите ги имате видено многу пати, а тие што се бледи ве мачат и со голема мака ги забележувате во вашиот окулар. Сакате да забележите и некој детаљ, а и тоа не можете со скромната опрема. Следува следниот симптом: болест за подобра апература, погоооооолеми телескопи. Оваа желба е секогаш тука, се заситувате од старата опрема и барате нова, нешто поголемо за да можете да ги забележите многу послабите објекти. Историјата на астрономијата во последните 400 години е преполна со отпадоците од стари телескопи кои професионалните и аматерите астрономи ги напуштиле.

Сте ја задоволиле потребата со нова опрема, и сега се префрлате на потешки објекти. Тогаш ги пронаоѓате NGC (New General Catalog) каталогот и другите каталози кои се преполни со објекти кои ќе ја задоволат вашата неизмерна желба да се насистите со фотоните кои преку нив ќе доаѓаат во вашето око. Туп туп туп, некој чука на нова врата: Астрофотографија. Овде веќе сте стигнале до точката на вриење, или да се изразам по теркот на MTV (boiling point), само што тука нема некој тип што ќе ти даде пари ако издржиш одредено време да не се изнервираш, тука самиот треба да си го одврзеш кесето. А каде е тука крајот, па можеби ако со помош на фотографијата го видите крајот на Вселената и веќе нема да знаете каде да продолжите. Но бидејќи тоа е невозможно треба да банкротирате за да се откажете. А да не зборам дека можностите на астрофотографијата покрај убавината која ни ја доловува со претставувањето на уметноста на небото може да се користи и за многу научни цели: фотометрија, набљудување на астероиди, транзити на екстрасоларни планети, итн, итн….

Еден од сигурните знаци на астрономска опсесија за загрижените сопруги, роднини, девојки или пак пријатели кои треба да ги бараат се:
– Набљудување сам;
– Кажување на оправдувања и наоѓање на оправдувања за да одите да набљудувате;
– Редовна, дневна доза на астрономија која ви е потребна за нормално да функционирате;
– Неможност да престанете со астрономските активности;
– Ве боли помислата кога ќе ве споредат со астролозите;
– Заборавате на своето здравје и останувате многу вечери без спиење;
– Неможност да функционирате нормално наредниот ден.

Мизеријата сака друштво, па неопходно е овој пасиониран астроном да си најде друштво во мистериозни и тајни друштва или со слични астро другарчиња.

МАД – Македонско астрономско друштво, (кога ќе ја прочитате кратенката на англиски ќе ве потсети на нешто)
ПГСП – Петрова Гора star party (почеток на долги патувања само за да се состанете со другарчињата)
Летенка – Астро камп на Фрушка Гора (кога сте дошле тука веќе сте во големи проблеми)
IAYC – Intarnational astronomy youth camp (веќе премногу сте заглавиле)
МГА – Меѓународна година на астрономијата (сакате лудилото да го пренесете низ целиот свет)
САД – Скопско астрономско друштво (сите сличности со некои држави и територии се сосема неоправдани зошто целта на САД не е да завладеат со светот, туку со Вселената)

Konjsko

Каде да побарате помош?

Доколку некој ваш сакан потпаднал под астрономската опсесија или станал зависен има помош за тоа, Анонимното друштво за астрономски зависници (АДАЗ). Нивната програма од 7 чекори е многу слична на програмите за одвикнување од другите зависности. Но, секако зависноста од астрономијата ни малку не е сериозна колку што е зависноста од нешто друго. Од оваа зависност ретко кога се случуваат некои трагични последици, освен дупнати гуми и наочекувани средби со лисици кои намерачиле да ви ги украдат тренерките, па затоа и многу малку од овие чекори воопшто се употребуваат.

Но, сепак за сите тие што ја разбираат астрономијата доволен лек е тоа што преку неа си го наоѓаат внатрешниот мир и поврзаноста со Универзумот на еден специфичен начин, начин кој што малкумина го познаваат и тешко им е да го сфатат.

Се надевам дека го пронајдовте одговорот, и дека колку и да личи чудно напишаното ќе ви помогне да ги засакате работите што ги правите од сесрце, било да е тоа астрономијата или, пак, некоја друга активност. И најважно од сè, ценете ги работите што ви се случуваат, сакајте ги луѓето и немојте да имате предрасуди за нешто што не го познавате. Осознавајте го светот околу вас, тоа ќе ве направи внатрешно побогати и многу поисполнети.

Сподели.