Астрокамп Отешево 2015

0

Со почетокот на месец август, Скопското Астрономско Друштво секоја година интензивно се подготвува за годишниот Астрокамп. Така беше и овој месец – кампот ни заврши пред 10-тина денови, а ова што следува е извештај за него.

Неслучајно, скоро секоја година кампот е во август, поточно за време на метеорскиот рој Персеиди. Оваа година започна на денот на максимумот на Персеидите, во среда 12-ти, со убаво предавање од Александар Атевиќ за мeтеорите, за тоа како се набљудуваат метеорски дождови и како се забележуваат правилно, за подоцна истите податоци да се испратат до Меѓународната метеорска организација која со помош на нашите и слични како нас мерења подоцна утврдува многу информации за годинешниот метеорски рој.

Но, да започнеме со ред.

Локација

И оваа година го избравме брегот на Преспанското Езеро, со мала промена од минатите кампови. Логистички повеќе ни одговараше Отешево и малото хотелче на брегот – LakeView, како и прекрасните услови за кампување што таа локација ги нуди. Преспа е подолго време наш избор, бидејки ноќното небо е најминимално загадено, што нас како астрономи аматери ни е апсолутен приоритет, а во исто време сме на плажа до езеро со убава природа, па можеме и во текот на денот да се дружиме покрај скарувањето* и предавањата.

*скарување – вклучува подготовка и јадење на скара.

ubavaLokacija

На брегот на Преспанското Езеро. Заслуги: Ивана и Марко Савиќ

Tука би додала еден цитат од наш член, искусен кампер и планинар:

„Ќе ја искористам приликава да направам кратка ретроспектива на астро кампот 2015:
Условите во кампот каде бев сместен беа на задоволително ниво (струја, вода, дебела сенка), а на користење ни беа дадени тоалетите и тушевите во хотелот.
Од аспект на организација, навистина бев пријатно изненаден од големиот број на предавања/презентации за кои би сакал да изразам огромна благодарност до организаторите. Навистина се потрудиле да го збогатат овогодинешниот камп. Особено сум благодарен на сите предавачи без исклучок кои имаа за мене интересни теми, од кои научив многу нови работи. Сакам да се заблагодарам и на сите постари членови кои несебично го делеа своето знаење во раните утрински часови со што го збогатија моето знаење со неколку нови соѕвездија, астеризми, ѕвезди, месиерови објекти, галаксии…
Единствено што ми пречеше на оваа локација беше светлинското загадување од јужната страна, односно Стење и заради таа причина за следната година повеќе би ја преферирал опцијата Конско.

Филип Чакаров

Телескопите наутро беа уморни од целовечерна работа. Заслуги: Марина Димовска

Телескопите наутро беа уморни од целовечерна работа. Заслуги: Марина Димовска

Времетраење

Годинава направивме мал исклучок и кампувавме една ноќ повеќе, а многумина ќе се сложат дека и тоа не ни беше доволно и скоро сите посакавме да останеме најмалку уште еден ден плус. Кампот започна на 12-ти, а траеше до 16-ти август. Ноќите скоро без исклучок ни беа убави за набљудување по полноќ, но времето не беше доволно стабилно за астрофотографите, па за жал оваа година и не направивме многу deep sky фотографии.

Ескими во август на плажа. Заслуги:

Ескими во август на плажа. Заслуги: Мартин Стојановски

Посетители

Во друштво на толку убави млади луѓе, со огромна желба да научат нешто повеќе во врска со астрономијата, за нас како организатори беше преубаво и пред се голем предизвик и одговорност! Оваа година се собравме рекордни 60 посетители на кампот. 60 прекрасни интелегентни амбициозни луѓе, тројца од Србија, како и членови на Битолското и Струшкото Астрономско Друштво, како и еден посетител од Америка, со што кампот доби интерконтинентален карактер ☺

Дел од дневната забава - турнир во одбојка на плажа. Заслуги: Јован Милосковски

Дел од дневната забава – турнир во одбојка на плажа. Заслуги: Јован Милосковски

Cе надевам повеќето од вас беа задоволни и заминаа со насмевка и обогатени со нови информации и нови познанства. Сигурно и во нешто сме потфрлиле, но ништо не било намерно, едноставно и самите ние бевме воодушевени од оваа бројка и во исто време пресреќни.

Тука ќе ставам еден цитат од драга наша членка, која го посети овогодинешниот камп, ми се чини соодветeн:

Здраво, 

Еве го моето мислење за нашиот астро-камп:

Прво, не само пофалби туку и огромно благодарам до сите што придонесоа во организацијата на кампот. Навистина е реткост некој волонтерски да се нафати да собере 60 луѓе на едно место, да се погрижи за сите да стигнат и да се сместат безбедно и уште да организира настани за тие 60 луѓе да се забавуваат и да поднаучат нешто. БРАВО! Негативна критика НЕ СМЕЕ да се даде. 

Сигурно ќе добиеш многу мислења со „Јас си поминав супер“, ама стварно јас си поминав супер :)). Се чувствував многу пријатно меѓу куп убави и умни луѓе, се изнагледав убаво небо со многу метеори (барем едната вечер), научив по нешто ново (на пример дека Нептун е поголем од Уран на слика 😀 ) и така. Морам да истакнам дека астро-квизот беше убедливо најзабавен настан на кампот и предлог за следна година да се организира уште еден плус ‘for those who want to show off’ и да ги ставиме Радан, Мартин, Филип, итн. да се натпреваруваат, а ние останатите да фаќаме сеир :). Што друго да кажам … криво ми е што не бев на целиот камп за да ги слушнам сите предавања, ама тоа што ме интересираше си прашував ad hoc и искусните астрономи несебично ми одговараа :) (…).“

(Биљана Велинова)

 Продолжува во друг дел***

Практичното предавање за микрометеорити на Радан. Заслуги: Марина Димовска

Практичното предавање за микрометеорити на Радан. Заслуги: Марина Димовска

Активности

Програмата на кампот беше навистина интересна. Јас многу уживав во сите предавања, но морам да спомнам дека особено ни е драго тоа што новите членови се приклучија во едукативниот дел од кампот. Едно огромно БРАВО за Ивана Марковска (овогодинешната rising-star) која ни спреми не едно, туку две предавања – едно за колоритниот феномен Аурора Бореалис, и едно за Месечината. Јован Милосковски ни зборуваше за тоа како настануваат сложени сончеви системи од маглина а Бојан Андоновски навистина нè воодушеви со едно предавање за научното наследство на Алберт Ајнштајн – Во сенката на Е=M·C². Љубинка Брашнарска уште еднаш ни покажа колку е добар предавач дури и без никаква подготовка, па ги остави сите побогати со знаење од областа на фотографијата. Со сигурност можам да кажам дека сите вие сте наредните ѕвезди на нашето друштво и се надевам ќе се дружиме и во иднина.

Предавања имаа и нашите долгогодишни членови:

Филип Парталовски ни одржа предавање за мисијата „Розета“ и тоа точно на денот кога леталото се наоѓаше во перихел (најблиската точка во однос на Сонцето) во својата орбита. Второто предавање беше на еден месец од прелетот на Нови Хоризонти (New Horizons) покрај Плутон, верувале или не, за мисијата  „New Horizons“.

Maртин Стојановски ни одржа практично предавање во кампот преку ден, за како се склопуваат телескопите, со практични вежби – едно огромно браво за тоа, додека Радан Митровиќ беше задолжен за ноќните предавања и вежби.

Мартин и практичното предавање за телескопи во сенка. Заслуги: Марија Стојановска.

Мартин и неговото практично предавање за телескопи, во длабоката сенка на кампот. Заслуги: Марија Стојановска.

Или, тука да ја цитирам Аница,која дефинитивно ја фати астро-бубачката 😀

„Супер беше, научив каде е Андромеда, летниот триаголник – практично, не теоретски J  Можеби треба некоја дополнителна денска активност како јога, посета на околните села…Единстветно групата беше голема, и се чекаше ред да се види на телескоп објекотот. Предавањата беа супер, фала им на колегите што вложиле труд да споделат со сето знаење и секако организаторите бидејки не е лесно да се организира вака масовен настан.

Поздрав, едвај чекам нова теренска активност!“

Аница Арсовска 

Марко Савиќ му се насмевнува на Сонцето преку коронадо. Заслуги: Марина Димовска

Марко Савиќ му се насмевнува на Сонцето преку коронадо. Заслуги: Марина Димовска

За првпат како резултат на овие вежби во барање објекти, се одржа Mесијеов маратон на нашиот камп, а како за премиера имаше голем интерес од новите членови кои се бореа за прво, второ и трето место JПо едночасовното барање, победници беа  тимот Хулигани: Марко Панушковски и Владимир Шутоски – наши идни надежни star-hoppers; второто место тимот : Дане Ангов и Денис Рајхл, за кои се веруваше дека ќе победат, ама информации од теренот велат дека Дане го фатило дремка☺и третото место, а како им тргнало наредна година и прво, го освои тимот NGC 6826:Горан Стефановски и Бобан Панов.

Радан одржа еден мал натпревар во потрага по микрометеорити, во кој се пријавија неколку тимови и го совладаа трагањето, но сепак најдобри беа Ивана и Марко Савиќ, нашите гости од Србија.

Наградените учесници од астроквизот и потрагата по микрометеорити. Заслуги (колаж): Марија Стојановска

Наградените учесници од астро квизот и потрагата по микрометеорити. Заслуги (колаж): Марија Стојановска

Астро квизот оваа година беше фантастичен, а таков го направија учесниците!

Да не должам многу на оваа тема, треба да се присуствува на една таква навивачка, научничка,гиковска атмосфера за да се доживее во вистинско светло, па само ќе ги спомнам победниците, фантастичниот тим Тегет Чорапа : Aлександар Алексов и Марина Димовска – подоцна прекрстени во тим ууууУуууааа! Самото име кажува – ги знаеја сите одговори, или како што би рекол колегата Горан Стефановски Сите сакаат и кога најдобрите покажат бар малку слабост (незнаење) како нас. Но овој тим беше неприкосновен.“

Второто место го освои тимот Фантастик 4-2: младите и ултраинтелегентни Јован Милосковски и Томе Кирјази, а третото место после тешка борба со тимот Зелен Пиштол го освоија Релативци: Билјана Велинова и Бојан Андоновски.

Квизаџиите и нивната верна публика. Заслуги: Марија Стојановска

Квизаџиите и нивната верна публика. Заслуги: Марија Стојановска

И сега ќе се вратам накратко на првото предавање од Александар Атевиќ и Персеидите.

Метеорскиот рој Персеиди оваа година максимумот го имаше на 12-ти август и нашето друштво ја бележеше нивната активност. Приближната активност на Персеидите обично е 80 метеори во еден час, меѓутоа оваа година ние забележавме послаба активност што во главно се должи и на променливото време што го имавме во текот на ноќта. За фалење е само еден убав болид што го запали небото на север – најверојатно со магнитуда -8☺.

Композитна фотографија од три Персеиди. Заслуги: Марија и Мартин Стојановски.

Композитна фотографија од три Персеиди. Заслуги: Марија и Мартин Стојановски.

Персеид - болид, кој го осветли небото над Отешево. Заслуги: Александар Алексов

Персеид – болид, кој го осветли небото над Отешево. Заслуги: Александар Алексов

Eве го и придонесот на Марија Стојановска до Меѓународната метеорска организација: како изгледа еден извештај:

IMOizvestajДружби и слободни активности

Дружење имаше многу, секако со толку луѓе не бевме сите синхронизирани во секој момент, но можам да кажам дека имаше доста шетање по Преспанско Езеро па и Охридско, доста скари и убави гозби, а за тоа најзаслужен беше подоцна и официјално прогласениот Цар на кампот – Томислав (Томи) Лазаревски и Филип Чакаров кој со својата музикалност придружена со гласот на Томи никого не остави рамнодушен.

Томи и Филип со својот улов, кој гордо го споделија со останатите членови. Заслуги: Александар Алексов

Томи и Филип со својот улов, кој гордо го споделија со останатите членови. Заслуги: Александар Алексов

Астро шатор. Заслуги: Марина Димовска

Астро шатор. Заслуги: Марина Димовска

Koга веќе го спомнав Филип, не може а да не се насмееме – за малку избегнатиот меѓународен инцидент кога, доцна во ноќта, Марко Савиќ (Србија) при враќање во тоа што мислел е неговата вреќа, видел дека нешто во неа мрда, па мислејки дека е некое од околните кучиња, скоро на клоци не го збрка нашиот вчудоневиден член Филип… меѓутоа сè е во најдобар ред, и денес тие се добри пријатели! ☺☺☺

Што може друго да се каже, како организатори на еден ваков настан, срцата ни се полни со убави моменти. Особено сме среќни што повеќето од новите членови се презадоволни со тоа што научиле и како си поминале, па нашата цел е постигната. Па тука би го довршила цитатот од Билјана:

„(…) Ваков настан е од големо значење во нашава државичка, затоа што ретко каде имаме можност да слушаме и да разговараме за било какви научни теми, а не па за астрономија. Мислам дека астрономско друштво има значителен придонес во популаризација на наука во Македонија, а тоа се постигнува токму преку овие настани. Ако успееме да побудиме интерес за астрономија кај само еден човек целта е веќе постигната. Јас лично познавам двајца заинтересирани после овој камп.

Билјана Велинова

Наградите од активностите на овогодинешниот камп. Заслуги: Марија Стојановска

Наградите од активностите на овогодинешниот камп. Заслуги: Марија Стојановска

Се надевам догодина со уште побогата програма и со повеќе дружба и песна ќе ја продолжиме оваа прекрасна традиција на годишен Астрономски камп, без разлика кој го води и на кое место сме – сè додека е ведро и темно! ☺

Заслуги: Мартин Стојановски

До следната година! Заслуги: Мартин Стојановски

A до тогаш – Live long and prosper… ☺

А, да, и уживајте во фотографиите од кампот и во краткото time-lapse видео:

Текст: Марија Стојановска

 

Сподели.