16-ти роденден на Скопско астрономско друштво

0

Денес Скопско астрономско друштво го прославува својот 16-ти роденден! Друштвото беше оформено на 10-ти декември 1998 година, со цел на љубителите на астрономијата да им понуди можност за здружување и заедничко уживање во ноќното небо и изучувањето на науката.

И покрај интересот кај граѓаните за астрономија таа не е предмет на изучување во програмите за основно и средно образование. Токму тука Друштвото го наоѓа својот поттик за работа и постоење. Низ годините организиравме бројни воведни курсеви и предавања на разни теми од астрономијата. Голема улога во нашите едукативни напори имаат овој портал и социјалните мрежи, каде секојдневно објавуваме за нашите активности или тековните достигнувања во астрономијата. Често сме присутни на видно место во центарот на Скопје за граѓаните да можат низ телескоп да ги погледнат Сонцето, Месечината, планетите, а понекогаш и кометите. Благодарение на донациите кои граѓаните ни ги даваат при ваквите активности, опремата за набљудување ни се подобрува од година во година, што може да се забележи и по квалитетот на астрофотографиите кои ги изработуваме за време на теренските набљудувања и кои јавноста имаше можност да ги види на минатите изложби.

Фотографијата проследена од овој натпис (заслуги: J. Hartman и K. Stanek, Harvard CfA) е gif анимација од збиеното ѕвездено јато М3. Некои од ѕвездите во ова јато се променливи (имаат природен променлив сјај во одреден временски период) и доволно е да направите неколку фотографии во текот на ноќта и да забележите ѕвезди кои треперат како свеќи на роденденска торта 🙂

Благодарност до сите кои беа и се дел од Скопското астрономско друштво, како и до сите кои нѐ читаат и посетуваат!

Се гледаме под ѕвездите!

Скопско астрономско друштво

Сподели.